Новороденче од Прилеп почина од сепса

Универзитетска Клиника за детски болести во Скопје (Илустративна фотографија)

Новореденче од Прилеп почина од сепса на Детската клиника во Скопје, потврди за МИА директорката на клиниката, Стојка Нацева Фуштиќ.

Таа информира дека новороденчето било донесено од Прилеп на Детската клиника во тешка состојба, со ирегуларно дишење, било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.

„Според клиничките и биохемиските параметри, се работи за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање. Дали е предвремено прснат воденик, дали е од родилните патишта, тука може да се шпекулира, немаме такви податоци. Меѓутоа, кога новороденчето е донесено на клиниката, веќе имало јасни клинички биохемиски знаци за рана неонатална сепса“, објаснува Фуштиќ.

Видете и ова: Обвинителството оформи предмет за смртта на двајца пациенти во Прилеп

Мајката на бебето на социјалните мрежи ги сподели случувањата по породувањето, информирајќи дека во Прилепската болница персоналот ја информирал дека бебето ќе биде третирано со зрачење заради жолтица, но потоа било препратено во Скопје.

Како што појасни Нацева Фуштиќ, жолтицата е физиолошка појава кај бебињата. Таа објаснува дека педесет отсто од бебињата имаат жолтица и таа е најчесто во физиолошки граници.