Неколку стотици граѓани денеска се собраа во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, на протестен марш, за поддршка народот на Палестина во воените дејствија во Појасот Газа.
Толпата за време на протестниот марш извикуваше пароли како - „Кој е убиецот на децата? Израел!“ и „Израел терорист“, а прошетката на учесниците започна од сараевската Башчаршија и се очекува да поминат низ центарот на градот.
Учесниците велат дека се со палестинскиот народ врз кого, како што нагласуваат тие, „се врши геноцид пред очите на целиот свет“.
На протестот можеа да се видат транспаренти на кои пишуваше - „Сараево страда поради страдањето на народот во Газа“, но и оние на кои беа прикажани лицата на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден, со натпис „криминалци“.
Организатор на протестот е Независното младинско собрание во Босна и Херцеговина.
Досега во Сараево беа одржани два собири за поддршка на палестинскиот народ во Газа. Босна и Херцеговина немаше единствен став за полноправното членство на палестинските територии како држава во Обединетите нации, поради повеќегодишните неконзистентни ставови на тричленото државно претседателство, иако БиХ официјално ја призна палестинската државност во 1992 година.
Во Сараево дејствува претставништво на Палестинската управа, додека Босна и Херцеговина нема амбасада на палестинските територии, за кои е надлежна амбасадата на БиХ во Египет.
Видете и ова: Бомбардирањето на Газа продолжува, борби близу до најголемата болницаПоследната војна во Газа меѓу Израел и Хамас, група категоризирана како терористичка организација од САД и ЕУ, започна на 7 октомври, а според податоците на Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, од почетокот на војната на оваа територија загинале повеќе од 11 илјади луѓе.