ЕК: Напредок во делот на безбедноста на храната, но да се спроведат препораките од минатата година

Северна Македонија има добро ниво на подготовка во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, оценува Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава кој беше објавен на 8 ноември годинава.

Според ЕК, постигнат е одреден напредок во делот на известувањето, особено во борбата против болестите кај животните, контролата на здравјето на растенијата и спроведувањето мерки за искоренување на штетниците.

Комисијата посебно се осврнува на пестицидите. Укажува дека е потребно уште многу работа за да се соберат веродостојни податоци за нивната употреба, како и за нивното влијание врз здравјето на луѓето.

Видете и ова: Извештај на ЕК: Културното наследство на земјата не е доволно заштитено

„Постигнат е одреден напредок во фитосанитарната политика, но мерките за одржлива употреба на пестициди не се спроведени“, забележува Комисијата.

ЕК нагласува дека препораките од минатата година не се исполнети поради што и натаму важат.

„Наредната година Северна Македонија треба да ги усвои законот за безбедност на храната и законот за здравјето на животните, да ги зајакне капацитетите за анализа на податоци во Агенцијата за храна за ветеринарство, како и да спроведе мерки за одржлива употреба на пестициди“, препорачува Европската Комисија.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), оценува ЕК, има Програма за активен и пасивен надзор за различни болести, но оценуваат и дека собирањето, верификацијата и анализата на податоците не се доволни.