Арапско-исламски самит во Ријад со барање за прекин на огнот во Газа

Лидерот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман на 11 ноември го обвини Израел за злосторства во Палестина, пренесе агенцијата АФП.

„Сигурни сме дека единствен начин да се гарантираат безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е со ставање крај на окупациите, опсадите и насилствата“, рече бин Салман во своето обраќање за време на вонредниот Арапско-исламски самит на Арапската лига кој денеска се одржува во Ријад, а кој има за цел да придонесе во напорите и апелите за прекин на огнот во Газа.

Покрај Бин Салман, и претседателот на Египет Абдел Фатах Ал Сиси, повика на итен прекин на огнот во Газа и тоа „без рестрикции и условувања“, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

„Политиката на колективно казнување на народот на Газа е неприфатлива и не може да се оправда со самоодбрана или кое било друго тврдење. Ова мора веднаш да престане“, изјави Ал Сиси во текот на своето обраќање за време на вонредниот Арапско-исламски самит во Ријад.

Видете и ова: Црвениот крст повика на заштита на пациенти и вработени во болницата Ал-Шифа во Газа

Турскиот претседател пак Реџеп Тајип Ердоган за време на својот говор, порача дека е потребно да се организира меѓународна мировна конференција за да се најде трајно решение за израелско-палестинскиот конфликт.

„Она што ни е потребно во Газа не се паузи од по неколку часа, туку траен прекин на огнот“, изјави Ердоган, пренесе агенцијата Ројтерс.

Инаку, во главниот град на Саудиска Арабија Ријад, денеска се одржува Самитот на Арапската лига посветен токму на конфликтот меѓу Израел и Хамас, а во иднина се очекува овој самит да прерасне и во самит на лидерите на земјите од Организацијата за исламска соработка.