Соединетите Американски Држави (САД) ги разгледуваат извештаите за српските компании кои и покрај санкциите извезуваат стока во Русија која може да се користи во воената индустрија, соопшти американскиот Стејт Департмент на прашање на „Гласот на Америка“.
Европската унија (ЕУ) исто така го следи развојот на настаните и порачува дека „Србија треба да продолжи да ги зајакнува своите напори против заобиколувањето на санкциите“, изјави портпаролот на ЕУ, Питер Стано, за „Гласот на Америка“.
Истражувањето на Радио Слободна Европа покажа дека од почетокот на инвазијата на Украина, српските компании извезле санкционирана стока во Русија во вредност од најмалку 71,1 милиони долари.
Видете и ова: Милионски заработки на српски фирми преку заобиколување на санкциите за РусијаОд почетокот на војната во Украина, Србија не се согласи на ниту една одлука за санкции против Русија.
Стејт департментот соопшти дека го повторил својот повик „Србија да се приклучи на меѓународните санкции за да ја повика Русија како одговорна за нејзините злосторства во Украина“, додавајќи дека САД ќе продолжат со „координирани потези против оние кои му помагаат на Кремљ - заобиколувајќи ги санкциите и мерките за контрола на извозот“.
„САД и нивните партнери се обединети во поддршката кон Украина бидејќи таа се соочува со неоправдана руска агресија - вклучително и посилни напори против избегнувањето санкции“, се вели во одговорот на Стејт департментот во врска со истрагата за „Гласот на Америка“.
Според „Гласот на Америка“, Стејт департментот не одговорил како може да се запре таквата практика и дали ќе се применат конкретни мерки против српските компании или Србија доколку продолжи извозот на спорни стоки во Русија.
Стано посочи дека во последниот извештај на Европската комисија се наведува дека „Србија треба итно да го подобри усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и примена на рестриктивни мерки“.
Видете и ова: Србија и Косово ќе останат без средства од „Планот за раст“ доколку не постигнат напредок во дијалоготТој рече дека по посетата на специјалниот пратеник на ЕУ за спроведување на санкциите, Дејвид О'Саливан, во Белград во мај, српските царински власти „презедле конкретни чекори во однос на прашањата што ги отвори претставникот“.
„Ова вклучува и конкретни активности за зајакнување на контролата на извозот, како и тесна соработка и размена на информации меѓу ЕУ и српските власти на техничко ниво“, рече Стано.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, О'Саливан на крајот на октомври ги именувал Србија и Турција како земји од кои биле најразочарани поради невоведувањето санкции против Русија.