Хрватскиот министер за одбрана тешко повреден во сообраќајна несреќа во која загина едно лице

Хрватска полиција (илустративна фотографија)

Хрватскиот министер за одбрана, Марио Баножиќ (44), беше тешко повреден во сообраќајна несреќа рано утрово во саботата, во која загина едно лице соопштија хрватските власти.

Несреќата се случила околу 6 часот наутро на пат во источна Хрватска.

Министерот Марио Баножиќ управувал автомобил кој се судрил со комбе, објави хрватското Министерство за одбрана, како и државната телевизија ХРТ.

Во несреќата загинал возачот на комбето.

„Изразуваме сочувство до семејството на загинатото лице“, напиша владиниот портпарол Марко Милиќ на социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер.

Видете и ова: Сомнежи за нови случаи на труење со газиран пијалак во Хрватска

Милиќ додаде дека состојбата на Баножиќ не е опасна по живот, иако се здобил со сериозни повреди. Лекарите рекоа дека имал контузии на главата и мозокот и дека е под опсервација, но тој е свесен.

Во соопштението на Министерството за одбрана се вели дека истрагата е во тек, со цел да се утврдат деталите и што точно се случило.