Министерот за здравство, Фатмир Меџити го повика Обвинителството да излезе со конкретни информации за скандалот на Клиниката за Онкологија по сомневањата дека на пациентите им бил даван физиолошки раствор место биолошка терапија.
„Крајно време е веќе Обвинителството да излезе точно со име и со презиме за Онкологија, зашто овој костум што го гледате на мене денеска, оваа вратоврска ме задушува. Јас, денеска, најубаво се чувствувам тука и имам емоции. Да ви кажам дека ми прилега белиот мантил и од првиот ден ви кажав дека не претпочитам да бидам политичар од некоја партија, туку ќе бидам лекар и тоа и ќе останам и заедно со моите колеги и заедно со вас ќе ги подобриме работите“, рече министерот по посетата на обновените амбуланти на Клиниката за неврологија.
Од ОЈО денеска соопштија дека Јавното обвинителство води предистражна постапка и не постапува по барања на други лица.
„Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да наштети на постапката. Јавните обвинители работат темелно и одговорно, почитувајќи ги сите законски рокови. Јавното обвинителство апелира политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели“, велат од ОЈО.
Видете и ова: Јовески: Анкетната комисија ќе ја наруши предистрагата за ОнкологијаМинатата недела, кога заврши сослушувањето на сведоците што го правеше анкетната комисија за скандалот на Онкологија во Собранието, јавниот обвинител Љубомир Јовески извести дека предметот се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, но поради истрагата, за време на сведочењето пред пратениците не откри детали.
Анкетната комисија беше формирана откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка, по наводите кои ги објавија медиумите за злоупотреба на лекови на клиниката.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.
Освен дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, медиуми отворија сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.