Руските власти не успеаја соодветно да одговорат на неколку антисемитски инциденти што се случија кон крајот на минатиот месец во рускиот регион Северен Кавказ, вклучително и серија насилства што предизвикаа заплашување кај реткото еврејско население во регионот, соопшти Хјуман рајтс воч (ХРВ).
Инцидентите се случија во услови на зголемен гнев во регионот поради израелското бомбардирање на Газа како одговор на смртоносниот напад на екстремистичката организација Хамас врз израелски и странски цивили на 7 октомври.
Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.
„Се чини дека инцидентите се поттикнати од бранот говор на омраза и дезинформации на социјалните мрежи“, оценува ХРВ.
Во најсериозниот ваков инцидент, толпа од стотици луѓе кои извикуваа антисемитски пораки упаднаа и го затворија аеродромот во Махачкала, во претежно муслиманскиот регион Дагестан, по лет од Израел на 29 октомври.
Според информациите, во инцидентот се повредени неколку лица, кој бил смирен дури по интервенција на интервентната полиција и единиците на Националната гарда.
Други инциденти вклучуваат напад врз хотел од страна на толпа која дејствувала врз основа на лажни гласини дека во него се сместени израелски „бегалци“ и подметнат пожар на недовршена зграда на еврејскиот центар на заедницата.
„Иако властите отворија истрага за судирот на аеродромот, нема јасна официјална осуда на инцидентите како антисемитски,“ соопшти ХРВ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Групата за човекови права рече дека наместо силно и експлицитно да ги осуди инцидентите во Северен Кавказ и јавно да ги признае како антисемитски, рускиот претседател Владимир Путин, за време на состанокот со безбедносните претставници на 31 октомври, „ги обвини Соединетите Држави дека „го користат своите украински агенти за „поттикнување погроми“ со цел да се дестабилизира Русија“.
Одговорот на руските власти на серијата инциденти во Северен Кавказ „е во контраст со систематското задушување на мирните протести, произволните притворања и лажното прогонство на владините критичари“, соопшти ХРВ.
ХРВ наведува дека руската влада треба официјално да ги „признае овие инциденти како антисемитски, да го осуди антисемитизмот и да отвори истрага за поттикнување омраза“.