Рускиот претседател Владимир Путин на 9 ноември во Астана разговараше со својот казахстански колега, Касим-Жомарт Токаев. Путин по ланската инвазија на Украина ретко оди во посети во странство.
Путин и Токарев разговарале за билатералната соработка и за прашања за стратешкото партнерство.
Тие преку видео врска учествувале и на 19-тиот казахстанско-руски форум за меѓурегионална соработка, што се одржа во северниот казахстански град Костанај, кој граничи со Русија.
Во изјавата за новинарите по разговорите, Токаев и Путин изјавија дека двете земји се стратешки партнери.
Путин рече дека Русија има „повеќеслојни“ односи со Казахстан и повика на поинтензивен развој на воените врски меѓу двете земји, нагласувајќи дека двајцата лидери разговарале за „консолидирање на воената и воено-техничката соработка“.
Посетата на Путин дојде помалку од една недела откако лидерите на Организацијата на земји во кои се зборува турски јазик се состанаа во Астана, каде меѓу другите прашања беше разговарано и за воената соработка меѓу Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Турција и Узбекистан.
Исто така минатата недела, францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со Токаев во Астана, при што ја пофали успешната позиција на казахстанскиот лидер кон геополитичките притисоци.
Токаев и Путин треба да се сретнат повторно на 23 ноември во Белорусија, каде што ќе присуствуваат на самитот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), одбранбена групација на Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.
Соединетите Држави и земјите од ЕУ ги предупредија Казахстан и другите поранешни советски републики во Централна Азија да се држат настрана од помагањето на Москва во избегнувањето на санкциите наметнати од Западот поради тековната руска инвазија на Украина, снабдувајќи ја Русија со западна електроника.
Токаев и другите лидери од Централна Азија јавно ветија дека ќе ги почитуваат ограничувањата.
Во меѓувреме, руските власти го критикуваа Западот за, како што велат, напорите да се намали влијанието на Русија во регионот.