Израел од 9 ноември ќе започне да спроведува четиричасовни паузи во северниот дел на Газа за да им овозможи на луѓето да избегаат од непријателствата, соопшти Белата куќа, оценувајќи дека тоа е „чекор во вистинската насока“.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби рече паузите произлегле од дискусиите меѓу американските и израелските официјални лица во последните денови, вклучително и разговорите на американскиот претседател Џо Бајден со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Кирби рече дека паузите ќе им овозможат на луѓето да се извлечат од опасноста, а ќе послужат и за испорака на хуманитарна помош и како начин да се извлечат заложниците.
Видете и ова: Конференција за Газа во Париз, Израел не е поканет
„Израелците ни кажаа дека нема да има воени операции во овие области за време на паузата и дека овој процес започнува денес“, рече Кирби.
Три часа однапред ќе се најави кога ќе почне паузата.
„Сметаме дека ова се значајни први чекори овде и очигледно сакаме да продолжат онолку долго колку што се потребни“, додаде тој.
Кирби, исто така, рече дека прекинот на огнот меѓу Израел и милитантите на Хамас не е во ред, бидејќи тоа ќе му помогне на Хамас да го „легитимизира она што го направија на 7 октомври и ние едноставно нема да се залагаме за тоа во овој момент“.
Милитантната група Хамас на 7 октомври нападна цели во Израел и зеде заложници, по што Израел почна со бомбардирања на Појасот Газа. Оттогаш илјадници луѓе во Газа се убиени, ранети или раселени.