Србија и Косово ќе останат без средства од „Планот за раст“ доколку не постигнат напредок во дијалогот

илустрација

Србија и Косово нема да можат да ги користат средствата од „Планот за раст“ доколку не постигнат напредок во дијалогот за нормализација на односите, се вели во документот што го објави Европската Kомисија.

„Планот за раст“ го објави Европската комисија на 8 ноември. Таа има за цел економски развој на земјите од регионот.

Како дел од планот, предвиден е голем пакет финансиска помош од шест милијарди евра за периодот 2024 - 2027 година.

Според планот, до две милијарди евра од оваа сума би оделе во форма на грантови, а останатите четири милијарди во форма на поволни заеми или капитални инвестиции. За да имаат корист од фондовите, земјите треба да исполнат одредени предуслови за да ги искористат овие финансиски средства.

Видете и ова: ЕК предложи отворање преговори за Украина и Молдавија, Грузија доби препорака за кандидатски статус

Се споменува почитување на ефективни демократски механизми, вклучувајќи повеќепартиски парламентарен систем, владеење на правото и гарантирање на почитување на сите обврски за човековите права, вклучително и правата на припадниците на малцинствата.
Додека овие предуслови важат за сите земји од Западен Балкан, Косово и Србија имаат дополнителни критериуми.

„Друг предуслов ќе биде Србија и Косово конструктивно да се вклучат во нормализацијата на нивните односи со цел целосно да ги спроведат сите свои обврски кои произлегуваат од

Договорот за патот кон нормализација и неговиот анекс за имплементација, како и сите претходни договори за дијалог и ангажман во преговорите за Сеопфатниот договор за нормализација на односите“, се наведува во „Планот за раст“.

Според неименуван функционер, тоа практично значи дека „ниту една од овие земји нема да може да користи финансиски средства доколку не напредува во нормализацијата“.