Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја повика Унгарија да ја ратификува кандидатурата на Шведска за влез во НАТО, без натамошно одлагање.
Само Турција и Унгарија, од 31 членка на НАТО, не го потпишаа барањето на Стокхолм за членство.
„Унгарската влада повеќе пати повтори дека нема да биде последниот сојузник на НАТО што ќе го ратификува пристапот на Шведска“, рече Столтенберг на 8 ноември по разговорите со унгарската претседателка Каталин Новак во Брисел, пишува Ројтерс.
„Сега сметам дека Унгарија ќе ја исполни таа обврска. Унгарскиот парламент треба да гласа за ратификација без дополнително одлагање“, додаде Столтенберг.
Видете и ова: НАТО може да се откаже од Договорот за ограничување на вооружувањетоТурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатиот месец официјално ја проследи апликацијата за членство на Шведска до парламентот.
Унгарската претседателка Каталин Новак, чија улога е главно церемонијална, рече дека таа лично ја поддржува кандидатурата на Шведска, но дека останува на унгарскиот парламент да ја одобри.
„Некои од унгарските парламентарци тврдат дека Шведска е или била доста гласна во осудувањето на функционирањето на унгарскиот парламент“, рече Новак, близок советник на премиерот Виктор Орбан.
Шведска и нејзиниот нордиски сосед Финска ја напуштија својата долгогодишна политика на невзување по руската инвазија врз Украина минатата година и поднесоа барање за влез во НАТО. Во април Финска стана 31-ва членка на НАТО.