Шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир денеска во Владата му го врачи Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
На состанокот се дискутирало за Извештајот, планирањето на следните чекори за реализирање на стратешката цел за приклучување кон ЕУ, планот за раст и реформскиот план за Северна Македонија и Западен Балкан.
Европската комисијата (ЕК) за повеќе прашања во Северна Македонија изразува сериозна загриженост во извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.
Во Извештајот ЕК меѓу другото наведува дека политичката ситуацијата во Северна Македонија останала поларизирана, што влијаела врз правилното функционирање на демократските институции. Исто така се вели дека нема напредок во судството и борбата против корупцијата, а дека во голем мера влијание имале и измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура.
Видете и ова: ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијата
Секретаријатот за европски прашања (СЕП) соопшти дека ќе следува детална анализа за извештајот од страна на Владата и заложување за продолжување на процесот и успешна реализација на заедничките планови. СЕП наведува дека на средбата било посветено посебно внимание на следните чекори за Планот за раст на економиите на Западниот Балкан.
Маричиќ истакна дека Република Северна Македонија продолжува со црвста заложба за спроведување на реформските процеси поддржувајќи го Планот за Раст за Западен Балкан.
„Планот за раст е резултат на наше барање, со што можеме да користиме привилегии и можности од зачленувањето во ЕУ пред време, односно додека траат преговорите. ЕУ со конкретен план подготвува 6 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра може да ги искористи Северна Македонија. Со Планот за раст се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар, што ќе значи силен економски напредок. Тоа значи дека нашите производи и услуги може да се пласираат на „Единствениот Европски пазар“, се вели во соопштението од СЕП.
Според соопштението, целта на ЕУ е до март 2024 година да направи прв трансфер на средства кон Северна Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан.
„Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот. Ова не значи дека сме ја завршиле работата. Напротив, скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус“, велат од СЕП.
Видете и ова: ЕК предложи отворање преговори за Украина и Молдавија, Грузија доби препорака за кандидатски статусМаричиќ посочил дека иднината ја гледеаат во стратешката цел на Владата, Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија. На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, државната секретарка на СЕП Дрита Абдиу Халили и заменикот шеф на делегацијата на ЕУ Бен Нупнау.