Путин ја пофали воената соработка меѓу Русија и Кина

Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја пофали, како што рече, важната „високотехнолошка руска воена соработка со Кина“, на состанокот во Москва со кинескиот генерал кој е близок сојузник на претседателот Си Џинпинг, објави Ројтерс.

Кина и Русија во февруари 2022 гдоина прогласија партнерство „без ограничувања“, кога Путин го посети Пекинг само неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина, што ја предизвика најсмртоносната копнена војна во Европа од Втората светска војна.

Примајќи ги генералот Џанг Јукси, заменик-претседател на кинеската Централна воена комисија, и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, Путин ги упати своите најдобри желби до Си, велејќи дека двајцата лидери развиле добро пријателство и работни односи.

„Русија и Кина не градат никакви воени сојузи во стилот на Студената војна“, му рече Путин на Џанг во неговата резиденција Ново-Огариово надвор од Москва, додавајќи дека „руско-кинеските односи се стабилизирачка сила за светот“.

Видете и ова: НАТО може да се откаже од Договорот за ограничување на вооружувањето

Соединетите Држави ја сметаат Кина за најголем конкурент, а Русија за најголема закана за националната безбедност, додека американскиот претседател Џо Бајден тврди дека во овој век ќе биде дефинирана егзистенцијалната конкуренција меѓу демократиите и автократиите.

Путин, кој е на чело на најголемата нуклеарна сила во светот, рече дека воената соработка меѓу Москва и Пекинг се зголемува и се фокусира на области со висока технологија кои ќе обезбедат стратешка безбедност.

„Мислам на вселената, вклучувајќи ја и високата орбита, исто така мислам и на модерно и перспективно оружје кое секако ќе ја обезбеди стратешката безбедност и на Русија и на Народна Република Кина“, рече Путин.

Џанг му рекол на Путин дека Кина ја почитува Русија поради нејзината способност да го издржи она што Западот го смета за најстроги санкции.

Видете и ова: Со војната во Газа, односите Русија-Израел стануваат уште покомплицирани

Џанг рече дека кинеската делегација дошла за да спроведе важни договори и дополнително да ја зајакне билатералната воена соработка.

Двопартиската комисија назначена од американскиот Конгрес минатиот месец соопшти дека Вашингтон мора да се подготви за можни симултани конфликти со Москва и Пекинг со проширување на своите конвенционални сили, зајакнување на сојузите и зајакнување на својата програма за модернизација на нуклеарното оружје.

Путин ги обвини Соединетите Држави дека „ги подигнуваат тензиите во Азија со обидот да формираат воени сојузи“, мислејќи на безбедносната алијанса „АУКУС“ на САД, Австралија и Велика Британија.