ЕК предложи отворање преговори за Украина и Молдавија, Грузија доби препорака за кандидатски статус

Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК

Европската Комисија препорача отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со Украина, а исто така препорача и отворање преговори со Молдавија откако таа ќе ги исполни сите услови. Комисијата исто така препорачува Грузија да добие формален кандидатски статус кога ќе ги исполни преостанатите услови поставени од блокот, а препорачува отворање на пристапни преговори на Босна и Херцеговина со Европската Унија кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство.

„Го усвоивме нашиот пакет за проширување за 2023 година, кој препорачува да се отворат преговорите со Украина и Молдавија, да и се даде кандидатски статус на Грузија и да се отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност“, соопшти Комисијата.

Предлозите, кои излегоа во годишните извештаи за напредокот, се насочени кон обезбедување технички насоки за 27-те земји-членки на ЕУ за напредокот што го постигнуваат земјите, бидејќи тие сакаат да ги усогласат нивните закони и стандарди со оние на Унијата.

Лидерите на ЕУ ќе ги разгледаат извештаите во наредните недели и се очекува да одлучат дали да ги поддржат препораките на самитот на Унијата кој треба да се одржи во Брисел на 14-15 декември.

Тие не се обврзани да ги следат препораките и нема гаранција дека едногласно ќе се согласат да го сторат тоа, особено поради тоа што Унгарија и Словачка изразија извесно двоумење во аспирациите на Украина да се приклучи на ЕУ.

Видете и ова: Зеленски: Украина очекува „историски заклучок“ за членство во ЕУ

Објавувањето на долгоочекуваниот годишен извештај на комисијата за проширување беше одложено неколку пати од почетокот на октомври, бидејќи земјите-членки на ЕУ стравуваа проширувањето може да ги стави во втор план дискусиите за други прашања како што се буџетот на блокот и миграцијата пред самитот во Брисел.
Во својата препорака за Украина, комисијата ја пофали Украина за нејзиниот напредок во услови на војна со Русија, иако рече дека треба да се решат некои недостатоци во процесот на членство.

„И покрај тековната војна, Украина покажа решителност во постигнувањето значителен напредок во создавањето моќна реформска динамика“, се вели во извештајот.

Слична порака од Брисел доби и соседна Молдавија.

„Молдавија стабилно напредуваше во исполнувањето на 9-те чекори утврдени во нејзината апликација за членство, вклучително и сеопфатни реформи за правосудството, антикорупцијата и јавната администрација“, се вели во соопштението на ЕК.
Молдавската претседателка Маја Санду го пофали извештајот на ЕУ, велејќи дека нејзината земја е „цврсто на патот за членство во ЕУ и ние ќе продолжиме немилосрдно да работиме кон оваа цел“.

Во меѓувреме, Грузија доби препорака за добивање кандидатски статус бидејќи „презеде чекори за зајакнување на ангажманот со ЕУ и зголеменото темпо на реформите во последните месеци за да одговори на 12-те приоритети идентификувани во нејзината апликација за членство“.

„Се радувам со народот на Грузија и ја поздравувам позитивната препорака на Комисијата на ЕУ за доделување кандидатски статус“, напиша грузискиот претседател Саломе Зурабишвили во објава на X, поранешен Твитер.

Видете и ова: Вархеји: БиХ би можела да добие кандидатски статус следниот месец

На Босна и Хрцеговина и беше дадено зелено светло за почеток на пристапните преговори, „но, потребни се дополнителни напори за усвојување на владеењето на правото и зачувување на уставниот поредок на земјата“.