Работната група за реформи во изборното законодавство се усогласила околу вградување на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и во наредниот период ќе одржи уште една седница за да го финализира текстот на предлог-измените.
Вметнување на препораките во Изборниот законик беше клучната цел на ова работно тело што го формираше Министерството за правда, но во кое не учествува опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, рече дека опозицијата иако била повикана неколкупати не се појавила, а ѝ било понудено и претседателското место во групата. Сепак, таа најави дека предлог-измените ќе ги достават до координаторот на пратеничката-група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Аврамовска-Мадиќ ја отвори седницата на работната група, додека министерот Кренар Лога не присуствуваше на средбата. Како претставничка ја испрати шефицата на неговиот кабинет Арбереша Селими.
„Таа им се заблагодари на членовите за досегашната работа и го истакна задоволството што овој пат измените на Изборниот законик и имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР не се прават неколку дена пред изборите, туку 6 месеци пред одржување на изборите, како што налагаат и препораките од ОБСЕ/ОДИХР“, соопштија од Министерството за правда.
Видете и ова: Избори во едно, или едно по едноПретседателот на работната група, адвокатот Александар Новаковски кој е и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), според соопштението од Министерството, на седницата порачал дека е потребно да се врати довербата во институциите и оти доколу нема сплотеност нема да може да се спроведе изборен процес кој ќе биде добар во сите сегменти.
Работната група за реформи во изборното законодавство беше формирана во април 2023 година. Тогаш, од Министерството за правда информираа дека нејзината задача е да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но и паралелно да се работи на сосема нов Изборен законик. Покрај политичките партии, покани да номинираат свои претставници добија и повеќе министерства и надлежни органи за спроведување на изборите процеси, синдикати и невладини организации.