НАТО алијансата соопшти дека може да го суспендира учеството во важниот безбедносен Договор кој го ограничува користењето на клучните конвенционални оружја.
Оваа објава следува откако Русија на 7 ноември и официјално се повлече од Договорот за ограничување на вооружувањето.
За ваквиот свој потег, Москва ги обвини САД и наводното „поткопување на безбедноста по Студената војна, преку проширување на НАТО“.
Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа (CFE) од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања за распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавски пакт.
Во соопштението од 7 ноември, НАТО го осуди потегот на повлекување од Русија и рече дека „ќе го суспендира спроведувањето на договорот онолку долго колку што е потребно“.
Видете и ова: Русија официјално се повлече од Договорот за ограничување на вооружувањетоРусија официјално се повлече од клучниот безбедносен договор кој по Студената војна требаше да ги намали потенцијалните конфликти помеѓу Истокот и Западот, што се толкува како последен во серијата знаци на зголемени тензии меѓу Русија и НАТО.
„Во 00:00 часот на 7 ноември 2023 година е завршена постапката за повлекување на Русија од CFE (Договор за конвенционални вооружени сили во Европа)“, објави руското Министерство за надворешни работи во соопштението на својата веб-страница.
Пред официјалното повлекување на 7 ноември, Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година и го прекина активното учество во 2015 година.
Во мај 2023 година, кога Русија веќе беше длабоко во војната во Украина што ја започна во февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин потпиша декрет за откажување на договорот, предизвикувајќи осуда од НАТО за „поткопување на евроатлантската безбедност“.