Репортери без граници бара 200 новинари да не бидат депортирани од Пакистан

Авганистанските бегалци во Пакистан одат кон пакистанско-авганистанската граница Торкам, по одлуката на пакистанската влада да ги протера луѓето кои нелегално престојуваат во земјата, 3 ноември 2023

Меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ ја повика владата на Пакистан да не депортира 200 авганистански новинари кои избегале од Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во таа земја во август 2021 година. Оттаму посочуваат дека таквиот потег ќе ги изложи на голема опасност.

Од оваа организација наведуваат дека некои новинари објавиле чувствителни информации во Авганистан и побарале засолниште во Пакистан заради безбедност.

Повикот доаѓа седум дена откако Пакистан започна голема акција против мигрантите со нерегулиран статус, главно околу 1,7 милиони Авганистанци, откако истече едномесечниот рок за доброволно да ја напуштат земјата.

Речиси 270 000 Авганистанци се вратија дома за да избегнат апсење и принудна депортација.

Меѓу Авганистанците кои се уште се во Пакистан има 200 новинари, како и околу 25 000 луѓе кои чекаат да преминат во Соединетите Држави како дел од специјалната програма за бегалци.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Масовна депортација на авганистански бегалци од Пакистан

Според американскиот закон, апликантите мора прво да се преселат во трета земја, во овој случај Пакистан, за нивните случаи да бидат процесуирани.

Амбасадата на САД во Исламабад издаде писма со покани до сите апликанти за да ги заштити од депортација. Сепак, пакистанските власти велат дека документите немаат правна сила.

Во своето соопштение, организацијата „Репортери без граници“ наведува дека некои авганистански новинари во Пакистан „биле изложени на малтретирање и изнуда од пакистански полицајци, произволни апсења, притисок врз сопствениците да ги иселат авганистанските станари, како и долги процедури за аплицирање за виза“.

Пакистанските власти велат дека нема да депортираат ниту еден авганистански новинар кој се соочува со закана дома, туку само ќе ги разгледаат случаите на „вистинските новинари кои работат“

Многу новинари во Авганистан останаа без работа откако Талибанците ја презедоа земјата.

Новинарките се соочуваат со дополнителни потешкотии поради бројните ограничувања за работа и патувања наметнати од Талибанците.

„Репортери без граници“ го рангираа Авганистан на 152 место од 180 земји во најновиот извештај за слободата на печатот во светот.