Русија официјално се повлече од клучниот безбедносен договор по Студената војна, наменет за намалување на потенцијалниот конфликт Исток-Запад.
„Во 12:00 часот на 7 ноември 2023 година беше завршена процедурата за повлекување на Русија од Договор за конвенционални вооружени сили во Европа. Така, меѓународно-правниот документ, чија важност беше суспендирана од нашата земја во 2007 година, конечно ни стана историја“, објави руското Министерство за надворешни работи во соопштението на својата веб-страница, пренесе Ројтерс.
Договорот од 1990 година, кој беше преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавскиот пакт.
Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година и го прекина активното учество во 2015 година.
Во мај 2023 година, кога Русија веќе беше длабоко во војната во Украина што ја започна во февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин потпиша декрет за откажување на договорот, предизвикувајќи осуда од НАТО за „поткопување на евроатлантската безбедност“.
Видете и ова: Русија го напушта Договорот за конвенционални сили, НАТО со осудаВојната во Украина ја предизвика најтешката криза во односите на Москва со Западот од Студената војна, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во текот на викендот изјави дека односите со САД се под нулата.
„Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа беше склучен на крајот на Студената војна, кога се чинеше можно да се формира нова архитектура на глобална и европска безбедност заснована на соработка и беа направени соодветни обиди“, соопшти руското Министерство.
„Акциите на САД за проширување на НАТО доведоа до тоа земјите од Алијансата отворено да ги заобиколат“ ограничувањата на групата. Така, договорот во неговата оригинална форма го загуби контактот со реалноста“, се наведува во соопштението од руското министерство.