Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе ја преземе „целосната одговорност за безбедноста“ на Појасот Газа штом ќе заврши војната со Хамас, уште еднаш исклучувајќи ја можноста за прекин на огнот.
„Израел ќе ја преземе целокупната одговорност за безбедноста на неодредено време, бидејќи видовме што се случува кога ја немаме“, изјави Нетанјаху за Еј-Би-Си Њуз.
Тој ја отфрли идејата за прекин на огнот во Појасот Газа без ослободување на заложниците киднапирани од милитантната група Хамас за време на нападот на Израел на 7 октомври.
„Нема да има примирје, општо примирје во Газа без ослободување на заложниците“, рече израелскиот премиер, додавајќи дека веќе имало „мали прекини, по еден час“.
Видете и ова: Министерство за здравство во Газа: Повеќе од 10.000 Палестинци загинаа од почетокот на судирите„Претпоставувам дека ќе ги разгледаме околностите да дозволивме да влезат хуманитарни стоки (во Газа) или нашите заложници да заминат. Но, мислам дека нема да има општ прекин на огнот“, рече Нетанјаху.
Според него, единственото нешто што функционира против криминалците и Хамас е воениот притисок што го врши Израел.
Запрашан за одговорноста на израелската влада за нападот на 7 октомври, Нетанјаху рече дека неговата влада „очигледно“ не ја исполнила својата обврска да го заштити својот народ и дека „тоа ќе се решава по војната“.