Од Путин до Османи
РУСИЈА - Голема група поранешни руски платеници на групата Вагнер почна да тренира со специјалните сили од јужниот руски регион Чеченија, изјави чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска (6 ноември).
ИТАЛИЈА - Италија ќе изгради центри во Албанија за да ги прими мигрантите кои пристигнуваат во Италија по море, рече премиерката Џорџа Мелони денеска (6 ноември), претставувајќи го планот со кој треба да се намалат бројките на мигранти што се речиси двојно се зголемија минатата година.
ИЗРАЕЛ / ГАЗА - Бројот на загинати Палестинци во тековната војна со Израел достигна 10.022 лица, вклучувајќи 4.104 деца и 2.641 жени, соопшти денеска (6 ноември) Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас.
УНГАРИЈА - Унгарската влада денеска (6 ноември) го разреши директорот на Националниот музеј откако тој, наводно, дозволил лица помлади од 18 години да ја посетат изложбата „Ворлд Прес Фото' (World Press Photo) со ЛГБТ содржина и покрај законската забрана.
СРБИЈА - Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија поднесе обвинителен акт против 20 лица од т.н. Балкански картел, поради сомнение дека учествувале во меѓународна трговија со околу седум тони кокаин.
ИРАН - Добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади започна штрајк со глад на 6 ноември, откако на неа и на другите затворенички, наводно, им била одбиена медицинска помош, но и во знак на протест против задолжителниот хиџаб за жените во Иран, соопшти организацијата која се залага за правата на оваа активистка.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени како ризична за државата изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните изборите и по евентуалната нивна победа ДУИ ќе оди во опозиција зашто, како што рече, спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците.
КИНА - Кина, која го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН, ќе направи се што може за да го врати мирот на палестинските територии, објави Министерство за надворешни работи додека тензиите на Блискиот Исток ескалираат.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин не даде никакви најави дека ќе се кандидира за уште еден мандат, а кампањата сè уште не е објавена, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
УКРАИНА - „Националниот музеј на уметност на 6 ноември полни 124 години. Русите „му честитаа“ на нашиот архитектонски споменик со проектил кој падна во близина“, рече во понеделник (6 ноември) Олех Кипер, гувернер на регионот Одеса чиј административен центар е Одеса, на апликацијата Телеграм.