Италија ќе гради прифатни центри за мигранти во Албанија

Џорџа Мелони, премиерка на Италија

Италија ќе изгради центри во Албанија за да ги прими мигрантите кои пристигнуваат во Италија по море, рече премиерката Џорџа Мелони денеска (6 ноември), претставувајќи го планот со кој треба да се намалат бројките на мигранти што речиси двојно се зголемија минатата година.

Мелони рече дека албанските центри првично ќе бидат домаќини на околу 3.000 луѓе, кога ќе бидат отворени во пролетта 2024 година. Таа рече дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми капацитетот на 36.000 мигранти годишно.

Повеќе од 145.000 луѓе излегле на брегот на Италија од почетокот на 2023 година. Пред една година, оваа бројка беше 88.000 луѓе.

Видете и ова: Вонредна состојба во Италија поради зголемен број на мигранти

Администрацијата на Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и донесе одлука да го зголеми бројот на центри за притвор низ целата земја за задржување на мигрантите пред нивната можна репатријација.

Партијата на Мелони долго време бараше такви објекти да се отворат надвор од Европската унија, предлагајќи ја на пример Северна Африка, но ниту една земја од тој регион не прифати.

„Ова го сметам за вистински европски договор и сакам да кажам дека покажува дека е можно да се работи заедно на управувањето со миграциските текови“, рече Мелони, говорејќи во Рим заедно со нејзиниот албански колега Еди Рама.

Видете и ова: Операција за спасување на повеќе од 1.000 мигранти на јужниот брег на Италија


Зборувајќи на италијански, албанскиот премиер Рама рече дека чувствува должност да ѝ помогне на Италија поради посебните односи меѓу двете земји, поврзани со географската близина и колонијалната историја, меѓу другото.

„Подавањето рака, во овој случај, значи да се помогне во управувањето со ситуацијата што сите ја гледаат како тешка за Италија“, рече Рама.

Главните земји од кои мигрантите пристигнале во Италија во 2023 година се Гвинеја, Брегот на Слоновата Коска и Тунис, покажуваат официјалните податоци.