Обвинение во Србија против 20 членови на „Балкански картел“

Илустрација: кокаин

Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија поднесе обвинителен акт против 20 лица поради сомнение дека учествувале во меѓународна трговија со околу седум тони кокаин.

Според соопштението на Обвинителството, станува збор за членови на организираната криминална група „Балкански картел“.

Досега во Србија се уапсени 14 лица, против кои е покренато обвинение и се во притвор, соопшти денеска Обвинителството (6 ноември).

Видете и ова: Кога Балканскиот картел „им ја вози“ дрогата на јужноамериканските наркобосови


Останатите шестмина се во бегство и по нив се распишани меѓународни потерници.

Повеќето лица беа уапсени на почетокот на мај. Според соопштението, се товарат за шверц на кокаин од декември 2019 до август 2020 година.

Заплените на кокаин, кои се поврзани со овој картел, биле надвор од територијата на Србија.

Најголемата заплена, околу 4,5 тони кокаин, била на островот Аруба во Карипското Море.

Во Белгија се запленети 1,2 тони кокаин, додека во Холандија 743 килограми.

Видете и ова: Запленети 700 килограми кокаин кај Канарските острови, уапсени Хрват и Србин


„Покрај овие три заплени, предмет на обвинението е и поголемо количество оружје од различни видови, автоматски и полуавтоматски, како и муниција и експлозивни направи. Станува збор за оружје кое било пронајдено при лишување од слобода на едно од лицата кои припаѓаат на таканаречената „нишка група““, посочуваат од Обвинителството.

Со решение на Јавното обвинителство за организиран криминал блокирани се сите сметки, сефови, целиот движен и недвижен имот - станови, куќи и возила, странски пари во вредност од над три милиони евра, скапи рачни часовници и накит.

Видете и ова: Европол разби балкански картел кој ја снабдувал Европа со кокаин


Од Обвинителството додаваат дека оваа постапка е резултат на соработката на Јавното обвинителство за организиран криминал со надлежните правосудни органи на Франција, Аруба, Белгија и Кралството Холандија, како и Европол и Европравда.

Информациите од мобилната апликација „Скај“ беа клучни за откривање на картелот.

Балканските шверцери на дрога се во подем повеќе од две децении, според извештаите на агенцијата за спроведување на законот на Европската унија Европол (ЕВРОПОЛ) и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНДОК).

УНДОК наведува дека групите од Балканот се главните актери во шверцот на кокаин во Источна Европа.