Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени како ризична за државата изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните изборите и по евентуалната нивна победа ДУИ ќе оди во опозиција зашто, како што рече, спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците.
Потсетуваме дека во неделното интервју за Радио Слободна Европа пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, изјави дека после изборите “една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има.“
Прашан за коментар на изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дали стравуваат дека ќе одат во опозиција, Османи рече дека не е првпат да се бара ДУИ да оди во опозиција.
„Се сеќавам и на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше зошто ДУИ да не оди во опозиција и знаеме каков беше исходот понатаму. Овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија каква што сме ние. На ВМРО можам да им кажам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети, на Албанците нема да им фали ни влакно од глава. Сите такви закани се безвредни“, рече Османи во одговор на прашање на денешниот брифинг.
Видете и ова: Николоски - По изборите, Влада со ДУИ нема да имаНа забелешката на новинарите дека се спомнува ДУИ, а не сите Албанци и зошто вели меѓуетнички тензии, Османи рече дека „токму ДУИ е мнозинската волја на Албанците“.
За големоалбанските пораки искажани на вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Шкупи и Вардар рече дека не ги чул и додаде дека се спротивни на законот и дека е казнива секоја изјава која предизвикува меѓуетничка омраза и нетолеранција.
Инаку, на фудбалскиот натпревар Шкупи-Вардар беа истакнати пароли во кои се вели дека Албанците требало да го исполнат историскиот аманет, Скопје да биде срцето на Албанија.