Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, нема да се појави во Судскиот совет, каде што беше повикана поради нејзината изјава во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.
Во соопштението Адеми информира дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.
„Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската Унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму“, потенцира Адеми во соопштението.
Видете и ова: Измените на Кривичен законик може да спасат речиси 200 обвинети за злоупотребиСпоред неа, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.
„Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото,“ вели Адеми во соопштението до јавноста.
Видете и ова: Гир - Оценската мисија за Судски совет завршува неделава, наскоро препораки
Посочува дека последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка, како што вели Адеми, беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина.
Според Адеми, и покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.
Во врска со структурата и целта на поканата, како што вели Адеми, треба да се напомене дека доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет.
Во соопштението Адеми укажува дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.