Васил Терзиев, кандидатот на реформистичката прозападна коалиција Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија победи во клучната трка за градоначалник во главниот град Софија, покажуваат резултатите на 6 ноември.
По пребројувањето на 99,78 отсто од гласовите, Терзиев доби 48,17 отсто од гласовите, додека Вања Григорова, кандидатот на проруската коалиција предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и левичарската партија Левица, доби 46,92 отсто од гласовите.
Ниту Терзиев, ниту Григорова не успеаја да го минат прагот од 50 отсто во минатонеделниот прв круг.
Кандидатот на централно-десничарската партија на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, не успеа да стигне до вториот круг, со што заврши 18-годишното држење на градоначалничката функција на централнодесничарската партија на Софија.
Борисов ги повика поддржувачите на ГЕРБ да гласаат за Терзиев.
ГЕРБ и Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија - исто така позната како ПП-ДБ учествуваат во коалицијата што ја поддржува владата на премиерот Николај Денков.
ПП-ДБ е нова антикорупциска коалиција која не успеа да победи на последните национални избори на 2 април.
ГЕРБ, која владееше со Бугарија од 2009 година, победи на националните избори, но не успеа сама да добие доволно поддршка за да формира влада, што доведе до коалиција со опозициската ПП-ДБ.
Видете и ова: Втор круг од локалните избори во БугаријаНа 6 јуни бугарскиот парламент ја одобри коалициската влада предводена од Денков, давајќи и на членката на ЕУ и НАТО нова влада по пет избори во рок од две години.
Владата ја доби поддршката од двете најголеми политички групи во парламентот, централно-десничарската ГЕРБ и ПП-ДБ.
Според договорот, Денков од ПП-ДБ ќе биде премиер во првите девет месеци, а потоа функцијата ќе ја преземе Марија Габриел од ГЕРБ, која дотогаш ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи.
Бугарија беше управувана главно од привремени влади назначени од претседателот Румен Радев, откако гневот на јавноста поради годините на корупција прерасна во масовни протести во 2020 година. Во февруари Радев го распушти парламентот и го најави гласањето на 2 април.