Апелациониот суд Скопје денеска треба да одржи јавна седница за случајот „ТНТ“ поврзан со уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.
Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“ Фијат Цаноски вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелациониот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.
Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, Цаноски треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.
На ова реагираше Апелациониот суд од каде посочија дека постапувањето на судечкиот совет е согласно Законот за кривична постапка.
Видете и ова: Афера прислушување – обвинетите на слобода, државата ќе обесштетува?Првостепениот суд, како што се наведува, постапувајќи по административното враќање на списи на овој суд, на 01.09.2023 година донел Решение за исправка коешто е испратено до странките на 11.09.2023 година.
„По комплетирање на списите на предметот на ден 05.10.2023 година, истиот повторно е доставен до Апелациониот суд Скопје, по што на 06.10.2023 година е испратен на мислење по изјавените жалби на пресудата до Вишото јавно обвинителство Скопје, чиј предлог е примен во Судот на 12.10.2023 година, по што веднаш е закажана јавна седница за ден 06.11.2023 година, на барање на странките,“ наведуваат од Апелациониот суд.
Поради зголемен интерес на јавноста, од Апелациониот суд Скопје најавуваат дека ќе обезбедат услови за следење на седницата за заинтересираната јавност и медиумите.