Израел го обвинува Хамас дека ги користи болниците како воени упоришта

Палестинците бараат преживеани од израелското бомбардирање во бегалскиот камп Ал - Магази во Појасот Газа, 5 ноември 2023.

Израелските одбранбени сили (ИОС) го обвинија Хамас дека „систематски ги искористува болниците“ како дел од воената машина.

Израел беше критикуван од Обединетите нации и нивните агенции, вклучително и Светската здравствена организација, во врска со нападите врз медицинската инфраструктура во или во близина на Газа.

Портпаролот на ИОС, Даниел Хагари, на брифингот во неделата инсистираше на тоа дека Израел напаѓа „врз основа на разузнавачки информации“, почитувајќи го меѓународното право.

„Не сакаме да напаѓаме болници и амбулантни возила“, рече тој, споделувајќи декласифицирани информации дека упориштата на Хамас се под, внатре и околу три болници во Газа.
Неговите тврдења не се независно потврдени.

Во меѓувреме американскиот државен секретар ја посети Рамала и се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Тој раководи со ограничена палестинска самоуправа и е против Хамас.

Абас на средбата со Блинкен побара Израел да го прекине огнот. Блинкен во неколку наврати ја отфрли идејата за израелски прекин на огнот поради страв дека тоа ќе биде од корист за Хамас. Неговата посета на Рамала се случи додека луѓето пребаруваа низ урнатините за жртви или преживеани во бегалскиот камп Ал - Магази во Газа, кој беше цел на израелски напади.

Ал-Магази е најмалиот и најпреполниот од сите кампови за бегалци во Газа.

Во моментот на експлозијата, за која Министерството за здравство на Газа соопшти дека била предизвикана од израелски воздушен напад, таму имало повеќе од сто луѓе.

Според шефот на болницата Ал Акса загинале 52 лица, а неколкумина се повредени.

Блинкен на Абас му ја пренел пораката дека САД се посветени да достават хуманитарна помош за спасување животи, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.

Тој, исто така, јасно стави до знаење дека Палестинците „не смеат да бидат насилно раселени“, рече Метју Милер.

Блинкен и Абас разговараа за напорите за „враќање на мирот и стабилноста“ на Западниот Брег, вклучувајќи ја и потребата да се „запре екстремистичкото насилство врз Палестинците“.

Видете и ова: Семејството Скаик евакуирано од Газа пристигна во Скопје


Блинкен е на дипломатска турнеја за време на која ги посети Тел Авив и Аман, а посетата на Рамала не беше претходно најавена. Тој за време на турнејата треба да ја посети и Анкара.

Здравствените власти во Газа во неделата соопштија дека повеќе од 9.770 Палестинци се убиени во тековната војна, која започна кога Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.400 луѓе, а повеќе од 240 беа земени како заложници.

На 5 ноември папата Франциск се придружи на повиците за мир.

„Запрете во името на Бога“, рече тој, повикувајќи на хуманитарна помош и помош за повредените за да се олесни „многу тешката“ ситуација во Газа.