Мизрахи - Скандалот „Онкологија“ е повеќе од трагедија

Шалтер на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија

Собраниската комисија за онкологија увиде дека системот е во тотален колапс и е дисфункционален, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, која е претседателката на собраниската анкетна комисија за случајот онкологија.

Анкетната комисија во Собранието беше формирана откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка, по наводите кои ги објавија медиумите за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија.

Таа на дебатата насловена „Случај „ДИВО МЕСО“, организирана од нејзината партија рече дека на анкетната комисија која започна со својата работа пред околу четири недели се ислушани 52 сведока од повиканите 62. Десет сведоци одбиле да присуствуваат од одредени причини.

„Скандалот „Онкологија“ е повеќе од трагедија. Тоа значи дека е нарушено уставното загарантирано право за живот, како и темелните вредности на македонскиот Устав, а тоа е хуманизам и солидарност. Тука е нарушено правото сите граѓани подеднакво да добијат здравствена помош, да им биде укажана здравствена помош и да им се зачува нивното право за живот. Односно се правело своевидна селекција“, рече пратеничката.

На 5 ноември го Градскиот парк во Скопје се одржа настан под мотото „Трка за лекот, розов октомври во ноември“, на кој присуствуваше и министерот за здравство Фатмир Меџити. На настанот дојдоа и пациенти болни од рак .

Министерот вели дека процесот за „онкологија“ не треба да се одолговлекува и да не се користи за дневно политички поени.

Во петокот, кога беше и последното сослушување во анкетната комисија во Собранието, државниот обвинител Љубомир Јовески, порача дека Комисијата ќе ја наруши предистражната постапка што ја отвори Обвинителството.

Тој оцени дека расправата во Собранието е противзаконска, а особено се коси со Законот за кривична постапка кој ја штити тајноста и доказите обезбедени во предистрагата.

Видете и ова: Јовески: Анкетната комисија ќе ја наруши предистрагата за Онкологија

На почетокот на септември Обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документации.

Тоа уследи по новинарските истражувања во кои беше посочено дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.