Бугарите на 5 ноември гласаат на вториот круг од локалните избори, а право на глас имаат над 6 милиони граѓани.
Вториот круг се одржува на оние места каде ниту еден од кандидатите не успеа да добие повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг, одржан на 29 октомври.
Централната изборна комисија на Бугарија извести дека изборите главно поминале мирно, а примила и неколку поплаки за прекршоци при гласањето. Во голем број на места мораше да се прекине таканареченото „машинско“ гласање, со помош на специјален апарат.
Бугарскиот премиер Николај Денков ја критикуваше Централната изборна комисија поради проблеми во работата на гласачките машини за време на вториот круг од локалните избори.
„Овие проблеми што ги гледаме се резултат на лошата координација меѓу институциите, а особено тука е одговорна ЦИК“, рече во неделата Денков.
Вториот круг од локалните избори се одржува во 91 место во државата, меѓу кои и некои од најголемите регионални центри како Софија, Пловдив, Варна, Благоевград, Велико Трново, Габрово, Русе и други.