Семејството Скаик евакуирано од Газа пристигна во Скопје

Министерот за надворешни работи се сретна со семејството Скаик кои од Газа беа евакуирани и пристигнаа во Скопје.

Четиричленото семејство Скаик е безбедно евакуирано од Газа и се врати во Северна Македонија, објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук профил.

Таткото и двете деца се македонски државјани, а мајката на децата е палестински државјанин.

Во Газа остануваа уште двајца македонски државјани, брачен пар, и сите напори сега се фокусирани на нивно извлекување, вели министерот Османи.

Министерот за надворешни работи се сретна со семејството Скаик кои од Газа беа евакуирани и пристигнаа во Скопје.


„Семејството Скаик, после подолго време безбедно евакуирани од Газа, а од денес на сигурно во земјава. Евакуацијата од Газа претставува посебен дипломатски и пред сѐ конзуларен предизвик, имајќи ја предвид сложената безбедносна состојба во тој регион. Посебно сакам да оддадам признание на дипломатите во нашите амбасади во Каиро и Тел Авив, кои беа во постојан контакт и со семејството и со властите во Египет и Израел“, напиша Османи.

Видете и ова: Петмина македонски државјани чекаат евакуација од Газа

Османи упати благодарност до Меѓународната организација за миграции која помогнала при нивниот трансфер во Скопје, како и Министерството за труд и социјална политика, односно Центарот за социјална работа во Скопје, за организацијата на сместувањето.