Зградата на поранешната македонска Амбасада во Брисел не е веќе запоседната од мигранти

Мигранти спијат на под на запоседната зграда во Брисел, архивска фотографија.

Мигрантите од Конго, кои минатиот месец ги запоседнаа просториите во кои беше сместена македонската Амбасада во Брисел, доброволно го напуштиле објектот.

Од дипломатското претставништво на Северна Македонија во Брисел за МИА велат дека напуштањето на објектот од страна на мигрантите било организирано во соработка и координација со белгиското Министерство за надворешни работи и градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, а конструктивна и коректна улога имала и бриселската полиција.

Десетици мигранти минатиот месец го запоседнаа објектот во кој во минатото била сместена Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Брисел, а кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на некогашната заедничка држава постигнат меѓу земјите наследнички, им припадна на Северна Македонија и Хрватска.

Видете и ова: Министрите на ЕУ на состанок во Брисел за зголемениот број мигранти

Мигрантите ја „окупираа“ зградата со помош на активисти на здружението Колектив на волонтери за интеграција на лицата без регулиран престој во Брисел (ЦСПБИБ), кои работат на сместување на лицата чии статус не е правно регулиран во Белгија.

Претставник на Здружението за белгиската агенција Белга изјави дека биле принудени да го напуштат објектот на поранешната амбасада откако добиле закана за „принудно иселување од страна на сопствениците на зградата, владите на Северна Македонија и Хрватска“.

Откако го напуштиле објектот на поранешната амбасада, околу 90 мигранти упаднале во напуштена зграда во бриселската општина Моленбек-Сен Жан.

Окупацијата на празни згради се врши со цел да се алармира на недоволната одговорност на властите во однос на домувањето и сместувањето на овие луѓе, изјави претставникот на здружението, додавајќи дека поголемиот број од мигрантите сместени во новата запоседната зграда се жени и деца.

Белгија се соочува со недостиг на простор за сместување на мигрантите, како резултат на зголемениот прилив на баратели на азил.