Палестинските власти на 4 ноември соопштија дека е извршен израелски напад врз училиште под раководство на Обединетите нации во северниот дел на Газа, кое служи како засолниште.
Очевидци изјавија дека нападот го погодил училиштето Ал-Фахура во Џабалија, каде што живееле илјадници евакуирани.
Најмалку 15 лица загинаа, а десетици се ранети, изјави претставникот на Министерството за здравство во Газа, Мохамед Абу Селмејах.
Фотографиите на Ројтерс покажуваат искршен мебел и други предмети, крвави дамки на земјата и над храната и луѓе кои плачат.
Џулиет Тума, директорка за комуникации на Агенцијата на Обединети нации (ОН) за палестински бегалци (УНРВА), потврди за Ројтерс дека училиштето управувано од ОН, кое се наоѓа во областа на градот Газа, било погодено.
Таа рече дека меѓу жртвите има и деца, но дека УНРВА се уште не може да го потврди точниот број на загинати.
„Најмалку една граната го погоди училишниот двор каде имаше шатори за раселените семејства. Друга падна во училиштето каде жените печеа леб“, рече Тума во телефонски разговор.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека во вториот израелски ракетен напад загинале две жени пред портите на детската болница Насер, а неколку лица биле повредени.
Израелската војска веднаш не коментираше ниту еден од инцидентите.
Израел почна да ја бомбардира Газа по нападите на Хамас на израелска територија на 7 октомври. Во нападите на Хамас на Израел беа убиени 1400 луѓе и киднапирани повеќе од 200 луѓе. Министерството за здравство во Газа вели дека повеќе од 9.000 луѓе се убиени од почетокот на конфликтот.