Украинскиот претседател Володимир Зеленски негираше дека војната на Украина со Русија дошла во ќор-сокак, отфрлајќи ги коментарите дадени претходно оваа недела од страна на врховниот командант на украинските сили.
„Помина времето, луѓето се уморни...но ова не е ќор-сокак“, рече Зеленски на 4 ноември за време на прес-конференцијата во Киев со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Коментарите на Зеленски доаѓаат три дена откако генералот Валериј Залужниј, врховен командант на украинските сили, рече дека војната „го достигнала нивото на технологија што не става во ќор-сокак“.
Зеленски, исто така, го отфрли извештајот дека западните земји вршат притисок врз него да влезе во преговори со Русија.
„Никој од нашите партнери не врши притисок да седнеме со Русија, да разговараме со неа и да и дадеме нешто“, рече тој.
Украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, претходно денеска, ги пренесе пишувањата на американската мрежа Ен – Би – Си дека американски и европски претставници разговараат со украинската влада, за тоа што би можело да се вклучи за можни мировни преговори со Русија за да се стави крај на војната. Ен-Би-Си се повикува на изјави на висок американски функционер и на поранешен американски функционер.
Ен-Би-Си јави дека разговорите вклучиле многу широки контури за тоа од што Украина би можела да мора да се откаже за да постигне договор со Русија. Засега нема друга потврда од западни медиуми за наводите на американската телевизиска мрежа.
Во војната во Украина, која сега трае 21 месец, стотици илјади луѓе се убиени или ранети, а делови од земјата се опустошени.
Украинскиот претседател исто така истакна дека војната меѓу Израел и милитантната организација Хамас го оддалечила вниманието од Украина и рече дека тоа е „целта на Русија“.