Ескобар - Бугарија уверува дека нема да има нови услови за Скопје на патот кон ЕУ

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во посета на Скопје, 25 август, 2023

Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) задолжен за Западен Балкан Габриел Ескобар, вели дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон Европската унија (ЕУ).

Тој во во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека не се гаранции, туку само за уверување од Бугарија, која сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, неодамна за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, рече дека е прилично сигурен оти „Бугарија постојано ќе формулира нови барања.

„Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, одговори Ескобар.

На прашањето дали тоа значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат?
„Јас тоа така го протолкував“, одговори Ескобар.

Северна Македонија треба да усвои устави измени со кои во македонскиот Устав треба да се внесат и Бугарите. Процесот за уставни измени започна во август во македонското Собрание, но застана истиот ден. За да се усвојат измените потребно е за нив да гласаат две третини од 120-те пратеници во во Собранието, но засега го нема потребното мнозинство.

Видете и ова: Интензивна дипломатија за уставни измени - кај власта оптимизам, ВМРО-ДПМНЕ против

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Блокадата беше надмината лани во јули со прифаќањето на „францускиот предлог“, со што се отворија пристапните преговори со ЕУ.

Но, за да почне отворањето на поглавјата, Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Без уставните измени, Северна Македонија не може да ги почне преговорите за влез во Европската унија.

Ескобар вели дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.