Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека ќе се обиде да ја олесни парламентарната ратификација на членството на Шведска во НАТО колку што е можно, но додаде дека Стокхом сè уште не презел доволно мерки против курдските милитанти.
Ердоган минатиот месец до Парламентот поднесе предлог-закон со кој се одобрува шведската кандидатура за членство во НАТО, потег што го поздравија и Алијансата и Стокхолм.
Турција првично приговараше што, како што рече, Шведска е засолниште на групи кои ги смета за терористички. Говорејќи пред новинарите на повратниот лет од Казахстан на 3 ноември, Ердоган рече дека Стокхолм презел одредени чекори во врска со протестите организирани од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), како и во врска со ембаргото за оружје за Турција, но не и за активностите на ПКК во Шведска.
Ердоган вели дека сега во Парламентот приоритет ќе имаат разговорите за државниот буџет за 2024, сугерирајќи дека одобрувањето на членството на Шведска во НАТО можеби нема да биде брзо.
„Но, ќе се обидеме да ја олесниме работата (за ратификација на кандидатурата на Шведска за НАТО) колку што е можно повеќе. Ќе се обидеме да покажеме позитивни напори колку што можеме во овој момент, се додека нашите колеги позитивно ни пристапуваат“, рече Ердоган.
Видете и ова: Ердоган до парламентот достави предлог за ратификација на кандидатурата на Шведска за НАТОПредлог-законот мора да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи пред да биде гласан на генерално собрание, а потоа Ердоган да го потпише за да стапи на сила.
Шведска и Финска, кои долго беа неутрални, минатата година поднесоа барање за влез во НАТО за да ја зајакнат својата безбедност по руската инвазија на Украина. Членството на Финска беше запечатено во април, но членството на Шведска се одолжи поради Турција и Унгарија.