Бербок ја посети границата на Ерменија со азербејџанската ексклава Наксчиван

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, на прес-конференција во Ерменија, 3 ноември 2023 година.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на 4 ноември отпатува до границата на Ерменија со автономната азербејџанска ексклава Наксчиван.

Таа вчера ја започна посетата во тензичниот регион. Нејзината посета на Кавказот доаѓа по шест недели откако Азербејџан со молскавична офанзива ја поврати територијата на Нагорно-Карабах, која со децении беше под контрола на етничките Ерменци поддржани од Ереван.

Повеќе од 100.000 етнички Ерменци побегнаа од Нагорно-Карабах во Ерменија по азербејџанската офанзива, што практично е празнење на територијата.

На 4 ноември, Бербок учествуваше во патрола на цивилната мисија на ЕУ во Ерменија (ЕУМА) на околу 70 километри од главниот град Ереван, во близина на границата со Наксчиван, која се наоѓа на југозапад од Ерменија. ЕУМА има задача да ја следи безбедносната ситуација долж ерменската страна на границата.

На 3 ноември, Бербок ги повика Ерменија и Азербејџан да се вратат на преговарачката маса и да бараат политичко решение за нивниот децениски конфликт околу Нагорно-Карабах.

„Нема друг начин за долгорочен мир меѓу Ерменија и Азербејџан освен преговарачката маса“, рече Бербок за време на посетата на Ереван.

Видете и ова: Ерменскиот премиер се надева на мировен договор со Азербејџан

Неколку часа по нејзиното пристигнување, Бербок положи венец на споменикот на над милион жртви на масовните убиства сторени во 1915-1916 година на етнички Ерменци од страна на властите на Отоманската империја. За трагедијата Турција изрази жалење, но се спротивстави на тоа да го признае како геноцид.
Германските пратеници им се приклучија на многу други земји во 2016 година со усвојување резолуција во која убиствата се опишуваат како геноцид.