Најмалку 14 цивили се ранети во најновите руски напади во Украина, соопштија официјални лица. Во меѓувреме во посета на Киев е претседателот на Европската комисија.
Во селото Заричне во регионот Запорожје, девет лица се повредени во руски ракетен напад, изјави шефот на регионалната воена администрација Јуриј Малашко.
Вкупно, 26 градови и населби во регионот беа нападнати во текот на изминатиот ден, рече Малашко.
Во областа Херсон пет лица се повредени, изјави регионалниот гувернер Олександр Прокудин. Тој рече дека нападите доаѓале од артилерија, минофрлачи, беспилотни летала, воени авиони и тенкови.
Последните руски напади дојдоа кога шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пристигна во Киев на 4 ноември и беше пречекана од украинскиот претседател Влодимир Зеленски на железничката станица.
Видете и ова: Фон дер Лајен во посета на Киев на разговори за проширување на ЕУ„Тука сум да разговарам за пристапниот пат на Украина во ЕУ. Финансиската поддршка на ЕУ за обнова на Украина како модерна, просперитетна демократија. И како ќе продолжиме да ја натераме Русија да плати за својата воена агресија“, напиша таа на платформата X, порано позната како Твитер.
Нејзината посета доаѓа пред извештајот што Европската унија се очекува да го претстави следната недела за напредокот на Украина во нејзината кандидатура за членство.
Извештајот што треба да се објави на 8 ноември треба да покаже до каде стигнала Украина во исполнувањето на економските, правните и другите критериуми потребни за започнување на пристапните преговори што се очекува да започнат во декември.
Украина поднесе барање за пристапување во Европската унија неколку дена по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година. Дваесет и седумте членки на ЕУ на самитот во декември треба да одлучат дали да му дозволат на Киев да започне пристапни преговори, потег што бара едногласна поддршка од сите членки.