Врнежите го зголемија нивото на вода во речиси сите реки во земјава. Исклучок се реките Струмица на мерното место кај Ново Село и Црн Дрим кај Ложани каде нивото е пониско во споредба со вчерашното.
Според последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најголемо зголемување на водостојот од 48 сантиметри во споредба со вчера има реката Радика на мерното место кај Бошков Мост по што следи Треска кај Македонски Брод со покачено ниво од 40 сантиметри. За разлика од реките нивоата на природните езера во земјава се исти како вчера.
Подрачјето на Северна Македонија од вчера е зафатени со врнежи, кои наместа беа поројни. Според најавите и денеска во одредени подрачја ќе има обилни врнежи и невреме.
Видете и ова: Врнежливо и посвежо времеОд Управата предупреди на можно излевања на реки, што би предизвикало локални проблеми како покрај водотекот така и на патната инфраструктура која е во негова близина. На одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони.
Од Автомото Сојузот на Македонија (АМСМ) соопштија дека поради одрони на патот кај село Ругинце од 10:20 часот затворени за сообраќај се патните правци Куманово-Кратово и Куманово-Крива Паланка. Екипите на Македонија пат се упатени на местото и работат на расчистување на одронот.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.