Просечниот Палестинец во Газа живее од две парчиња арапски леб направен од брашното што Обединетите нации го складираа во регионот, но главниот „рефрен“ што сега се слуша на улица е „Вода, вода“, рече на 3 ноември, директорот на Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за палестински бегалци, Томас Вајт.
Тој вели дека изминатите недели ја поминал Газа по должина и по широчина, а местото го опиша како „сцена на смрт и уништување“.
„Ниту едно место не е безбедно сега, а луѓето се плашат за своите животи, за својата иднина и за нивната способност да ги прехранат своите семејства“, им рече Вајт на дипломатите од 193 земји-членки на ОН на видео брифинг од Газа.
Палестинската агенција за бегалци, позната како УНРВА, поддржува околу 89 пекари низ Газа, со цел да се обезбеди леб за 1,7 милиони луѓе, им рече Вајт на дипломатите.
„Но сега луѓето не бараат леб. Бараат вода“, рече тој.
На брифингот, шефот на ОН за хуманитарна помош Мартин Грифитс, рече дека се водат интензивни преговори меѓу властите од Израел, Египет, САД и Обединетите нации за да се дозволи гориво да влезе во Газа.
Горивото, рече тој, е од суштинско значење за функционирањето на институциите, болниците и дистрибуцијата на вода и струја.
Резервните генератори, кои беа од суштинско значење за одржување на работа на болниците, постројките за дестилирање на вода, капацитетите за производство на храна и другите основни услуги „запираат еден по еден како снемува залихи“, рече Хестингс.
Министерството за здравство во Газа вели дека повеќе од 9.000 луѓе се убиени од почетокот на конфликтот, што е четири пати повеќе отколку за време на 50-дневниот конфликт меѓу Израел и Хамас во Газа во 2014 година, кога беа убиени нешто повеќе од 2.200 Палестинци, рече Грифитс.
Видете и ова: Водачот на Хезболах предупреди на ескалација во борбите со ИзраелГрифитс повика на хуманитарни паузи за да се достави помош за милиони луѓе. Тој, исто така, повика на итно ослободување на сите заложници и заштита на сите цивили од двете страни, како што се бара според меѓународното хуманитарно право.
Снабдувањето со помош за Газа е задушено откако Израел почна да ја бомбардира оваа густо населена енклава по нападите на Хамас на израелска територија на 7 октомври. Во нападите на Хамас на Израел беа убиени 1400 луѓе и киднапирани повеќе од 200 луѓе.