Сервер - Оставката на Вулин не значи отстапување во политиката на Србија кон Русија

Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс.

Александар Вулин поднесе оставка од функцијата директор на Службата за безбедност и информации (БИА) на Србија под притисок на Европјаните и Американците, изјави за Радио слободна Европа (РСЕ) Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс.

Тој сепак смета дека оставката на Вулин не претставува отстапување од политиката на Србија за поддршка на Русија, туку обид да се избегнат дополнителни санкции.

„Но, фактот што беа потребни три месеци, а не три дена, покажува дека имало вистински отпор од претседателот (Србија Александар) Вучиќ, кој го дели светогледот на Вулин и српската амбиција за политичка контрола на српското население во соседните земји“, вели Сервер.

Во одговор на прашањата на РСЕ, Сервер оценува дека Вашингтон ќе ја поздрави оставката на Вулин, додека Москва ќе биде незадоволна.

Александар Вулин, директор на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), поднесе оставка од таа функција на 3 ноември.

Видете и ова: Директорот на српската БИА Александар Вулин поднесе оставка


Тој изјави дека САД и ЕУ „ја бараат неговата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија“.

Во јули, Соединетите Држави го ставија Вулин на списокот со санкции поради наводна корупција и вмешаност во трговија со дрога и врски со Русија.