Руските власти му наложија на бугарскиот новинар Ангел Григоров да ја напушти земјата како одговор на тоа што претходно Софија протера руски новинар.
„Принудени сме да преземеме исти мерки во однос на Ангел Григоров, главниот дописник на Бугарското национално радио во Москва“, соопшти руското Министерство за надворешни работи (МНР) на 3 ноември.
Оттаму додадоа дека на бугарскиот државјанин му е наложено да ја предаде акредитацијата и да ја напушти земјата.
Видете и ова: Што направил архимандритот Васијан пред Бугарија да го протера?Бугарија претходно го протера рускиот новинар Александар Гацак поради наводно учество во активности кои претставуваат закана за националната безбедност на земјата, соопштија властите во Софија на 1 ноември.
Во соопштението на бугарската Агенција за национална безбедност не беа прецизирани наводните активности на новинарот, но беше наведено оти одлуката била донесена во согласност со европските демократски правила и вредности.
„Постапките на агенцијата имаат за цел заштита на националната безбедност, а не ограничување на слободата на говорот и на изразувањето мислење“, соопштија од Агенцијата.
Од руското МНР наведоа дека Григоров би можел да се врати во Русија доколку Бугарија го направи истото со Гацак.
Видете и ова: Бугарија протера руски новинар од „безбедносни причини“Односите меѓу двете земји се нарушени откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Софија го осуди конфликтот и протера 70 членови од рускиот дипломатски персонал минатата година.
Бугарија во септември го протера и митрополитот на Руската православна црква во Софија и два белоруски свештеници обвинувајќи ги за мешање во внатрешните работи на земјата.