Специјалниот суд во Косово го уапси ексградоначалникот на Малишево

Специјализираниот совет на Косово со седиште во Хаг

Специјализираниот совет на Косово со седиште во Хаг соопшти дека е уапсен Исни Килај поради кривични дела „против спроведувањето на правдата, вклучувајќи и попречување службени лица во извршување на службените должности“.

Килај е поранешен градоначалник на Малишево, општина на околу 40 километри од Приштина.

Во соопштението се додава дека тој е префрлен во притворското одделение во Хаг и оти во најкраток можен рок ќе се појави пред судија на претходна постапка.

„Специјализираното обвинителство смета дека попречувањето на спроведување на правдата е крајно сериозно и ќе продолжи да истражува и кривично да го гони секој што е вклучен во такви случаи, вклучително и оние кои заплашуваат или попречуваат сведоци или пружаат финансиска или друга поддршка на таквите кривични дела“, пишува во соопштението.

Специјализираниот совет има мандат да истражува злосторства против човештвото, воени злосторства и други кривични дела кои се направени во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Видете и ова: Судот во Хаг осуди бивш командант на ОВК на 26 години затвор за злосторства врз Албанци

Покрај останатите, од предметите на овој совет во тек е судењето во случајот против поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи.

Специјализираниот совет во 2020 година ги уапсија челниците на Здружението на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово, Хиски Гуцати и Насим Харадинај, поради попречување службени лица во вршење на службени дејности, заплашување сведоци и повреда на тајност на постапката.

Кон половината на мај 2022 година тие беа осудени на четири и пол години затвор, но Гуцати беше ослободен на средината на октомври 2023 бидејќи изрази каење и се извини на сите кои се почувствувале загрозени поради неговите постапки.