Во ретко обраќање до јавноста, водачот на милитантната група Хезболах, Хасан Насралах, предупреди дека би можело да дојде до дополнителна ескалација во борбите долж либанската граница помеѓу неговата група и Израел доколку продолжи да се развива војната на израелските сили со Хамас во појасот Газа, но не прогласи војна.
Насралах се обрати преку телевизиски говор на 3 ноември кога илјадници луѓе ги наполнија плоштадите во Либан за да ги слушнат неговите први коментари по нападот на Хамас минатиот месец во кој загинаа повеќе од 1 400 луѓе во Израел што предизвика војна меѓу палестинските милитанти и израелските сили.
Насралах, кој се крие и ретко се појавува во јавноста, видеообраќањето го имаше снимено од тајна локација, додека судирите помеѓу Хамас и израелските војници ескалираа во појасот Газа, борби кои ја доведоа оваа мала енклава на работ на хуманитарна катастрофа.
Во својот говор, кој беше внимателно следен за да се види дали ќе даде сигнал за тоа дали конфликтот ќе се прошири во регионална војна, Насралах го пофали нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, но рече дека тоа е „резултат само на палестинско планирање и спроведување“.
Видете и ова: Колку е силна израелската „Железна Купола“?Во говорот кој траеше речиси 90 минути, тој додаде дека по нападот на Хамас, Хезболах е дел од таа борба при што групата секој ден го зголемува своето учество принудувајќи го Израел да ги задржи своите сили близу либанската граница со цел тие трупи да не се приклучат на операцијата во Газа.
Насралах, исто така, се обидуваше во обраќањето да одржи и рамнотежа меѓу критичарите кои го обвинуваат Хезболах дека го турка Либан во војна и неговите поддржувачи од друга страна, кои се лути што милитантите не отвориле нов фронт против Израел.
Агенцијата АФП пренесе изјава од портпаролот на Советот за национална безбедност на САД во која се порачува дека Хезболах не треба да се обидува да ја искористи ситуацијата.
„Ние и нашите партнери бевме јасни: Хезболах и другите актери – државни или не, не треба да се обидуваат да го искористат тековниот конфликт“, вели портпаролот.
Долж израелско-либанската граница дојде со судири. Откако Хезболах објави дека истовремено нападнал 19 израелски позиции, доцна на 2 ноември, Израел соопшти дека израелските трупи одговориле со „широк напад“.
Додека Насралах беше двосмислен за тоа што ќе се случи наредните денови, посочи дека „сите сценарија остануваат отворени“ и дека борбите на границата меѓу Либан и Израел „нема да бидат ограничени“ на размените што беа видени досега, иако се чинеше дека не сака да повика на сеопфатна војна.
Во текот на обраќањето на водачот на Хезболах, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „непријателите на Израел на север скапо ќе платат“ доколку се обидат да го тестираат.
Аналитичарите сметаат дека војна со Хезболах, кој е воено многу посилен од Хамас, би била погубна и за Израел и за Либан. Се верува дека Хезболах поседува оружје кое може прецизно да се насочи и е способно да нападне во внатрешноста на Израел.
Видете и ова: Блинкен: Важно е како Израел се браниГерманската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на прес-конференција за време на посетата на Ерменија предупреди дека ескалацијата би била лоша за сите страни.
„Затоа е неверојатно важно сите актери да работат заедно за да се спречи пожар во регионот“, рече Баербок.
Хезболах беше прогласен за терористичка организација од страна на САД во октомври 1997 година.
Европската Унија, исто така, ја означи војската на Хезболах како терористичка организација, но Брисел не презеде ништо за да ја прошири таа квалификација и за политичкото крило на групата, кое има свои места во либанскиот парламент.
Снабдувањето со помош за Газа е задушено откако Израел почна да ја бомбардира оваа густо населена енклава по нападите на Хамас, а Обединетите нации на 3 ноември упатија апел за итна помош при што се бараат 1,2 милијарди долари за помош на околу 2,7 милиони луѓе кои живеат во Газа и на Западниот Брег.