Работата на Анкетната комисија што беше формирана во Собранието за случувањата на Клиниката за онкологија, според државниот обвинител Љубомир Јовески, е надвор од надлежностите на собраниските тела. Според него, Комисијата ќе ја наруши предистражната постапка што ја отвори Обвинителството.
Јовески ваквите пораки ги испрати пред пратениците во Анкетната комисија каде на 3 ноември беше повикан да сведочи.
Анкетната комисија во Собранието беше формирана откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка, по наводите кои ги објавија медиумите за злоупотреба на лекови на Клиниката.
„Кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води обвинителството. Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“, рече Јовески.
Тој оцени дека расправата во Собранието е противзаконска, а особено се коси со Законот за кривична постапка кој ја штити тајноста и доказите обезбедени во предистрагата.
Видете и ова: Мизрахи бара продолжување на работата на Анкетната комисија за онкологијаНа пратениците, републичкиот обвинител им го посочи членот 123 од Деловникот за работа на Собранието во кој се посочува дека работните тела во парламентот не може да имаат истражни или други функции.
„Во вашиот комисиски Деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека Анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на јавното обвинителство, ниту на најголемиот дел од сведоците кои секојдневно ги повикувате тука можат да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност“, рече државниот обвинител.
Во однос на предистрагата, пак, Јовески потенцираше дека обвинителството ја води темелно и стручно и уверуваше дека ќе се дојде до вистината.
На забелешки од ВМРО-ДПМНЕ зошто досега не се определени никакви мерки за евентуални инволвирани во случајот, Јовески одговори дека тоа се прашања во надлежност на обвинителството. Сепак, спомена дека досега се сослушани околу 40 лица кои имаат сознанија за Онкологија.
Од опозицијата го прашаа и дали во неговиот мандат, кој завршува во декември, предистрагата ќе напредува во истрага и ќе има некаква разрешница, обвинителот посочи дека е неблагодарно да се предвидуваат одредени дејствија и уверуваше дека ќе се утврди кој злоупотребувал и какви кривични дела извршил.
Како тема пред Анкетната комисија се наметна и КАТО систем за автоматизирана подготовка на цитостатици кој оневозможува манипулации со терапиите за пациентите. Ваков систем, како што беше објавено во јавноста, имало на Клиниката за онкологија, но не бил ставен во функција.
„Епилог ќе има и мора да има. Не станува збор за некој небитен настан туку навистина за една сложена состојба, за тешки кривични дела, и Обвинителството мора овој случај да го испита до крај, па доколку се покаже дека КАТО системот влијаел вака или онака во делот на процесот на лекување на болните секако дека ќе биде земен предвид“, рече Јовески.
Покрај државниот обвинител, пред Анкетната комисија на 3 ноември беа сослушани и поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и економскиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски.
Ексдиректорот Васев, одговарајќи на прашања од пратениците, зборуваше за КАТО системот за кој рече дека бил бил некомплетен и немал изолатор.
„КАТО системот е купен 2014 година, мислам дека авансно е платен и монтиран е во ноември 2014 година. Не е извршен технички прием од техничко лице, туку е со потпис на тогашното раководство. Пуштен е во 2017 година, два месеца пред јас да дојдам на функција. Како директор бев известен дека системот е некомплетен, тој нема изолатор. Целиот тендер за КАТО системот го нема во институтот, целиот тендер е исчезнат, имавме контрола од Фондот и е воочено во таа контрола во 2017 година, дека недостасуваат четири тендерски постапки. Значи ја немаше цела документација“, рече Васев.
Тој тврди дека софтверот за системот и ден денес не е направен и порача дека проблемите требало да ги открие некоја повисока институција.
„Тој и сега не е вклучен, ниту може да се вклучи без комплетно сервисирање на сите делови, затоа што сервисот и гаранцијата поминаа истата година кога беше ставен, односно ставен е во ноември 2014 година, а гаранцијата помина веќе во јуни 2015 година“, додаде Васев.
Со денешното сослушување заврши и последното продолжение на седницата на Анкетната комисија на која се повикуваа сведоци и експерти во врска со случајот Онкологија. Меѓу оние кои сведочеа пред пратениците изминатиот период беа и актуелниот и поранешни министри за здравство и нивни заменици, како и поранешни директори на Клиниката за онкологија.
Видете и ова: Екс-директорот на Онкологија Васев вели дека во негово време пријавиле два случаи за кражба на лековиПратеничката Рашела Мизрахи, како претседателка на комисијата, најави дека ова собраниско тело ќе продолжи со разгледување на акти и документи поврзани со овој скандал. Продолжението ќе го закаже дополнително.
Во новинарските истражувања, освен дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, беа отворени и сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.
На почетокот на септември Обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документации.