Директорот на српската БИА Александар Вулин поднесе оставка

Александар Вулин

Директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, Александар Вулин, поднесе оставка од функцијата.

Поднесувам неотповиклива оставка на местото директор на БИА, соопшти на 3 ноември Вулин, кого САД во јули 2023 го ставија на листата санкционирани поради наводна корупција и вмешаност во трговија со дрога и поради врски со Русија.

„САД и ЕУ ја бараат мојата гласа како предуслов за невоведување санкции кон Србија. Не ги предизвикав уцените и притисоците кон Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисоци. Затоа поднесувам неотповиклива оставка од местото директор на БИА“, пишува Вулин.

Вулин изминатата деценија беше на политички функции во Србија – од директор на владината канцеларија за Косово, прв човек во ресорите одбрана и внатрешни работи, до позицијата шеф на српската тајна служба.

Видете и ова: Кој ја сака Србија во БРИКС?

Директните контакти со руски официјални лица Вулин продолжи да ги одржува и по руската инвазија врз Украина која започна во февруари 2022 година.

Последен пат, како што пренесоа руските државни медиум, тој беше во Москва на 24 мај како претставник на Србија на меѓународна безбедносна конференција.

Вулин е познат како заговорник на „српскиот свет“ за што, меѓу другото, зборуваше дека „Белград мора во себе и околу себе да ги обедини сите Срби и дека претседателот на Србија е претседател на сите Срби“.

Во соопштението за оставката, тој наведе претседателот Александар Вучиќ и Србија се соочуваат со закани и уцени кои ги спореди со „австроунгарскиот ултиматум од 1914 година“ пред почетокот на Првата светска војна.

„Од нас се бара да го признаеме Косово, да ја напуштиме Република Српска и да престанеме да бидеме суверена земја и нација со воведување санкции кон Руската Федерација. Доколку се согласиме на тоа, следното барање би било протерување на кинеските инвестиции, безусловна технолошка и економска зависност од Западот, како и продолжување на политичката и територијална дезинтеграција на Србија и прифаќање на западните вредности во кои нема место за традиционалното семејство и нација, а на крајот и за социјалната правда“, објави Вулин.

Србија, иако е кандидатка за членство во ЕУ, не се придржуваше до санкциите на Унијата кон Русија поради агресијата врз Украина.

За санкциите кои му беа воведени од САД тој наведе дека се доказ за неговата „упорна борба за единство на Србите“.

„Но, воведувањето санкции за Србија, за што би се искористило моето понатамошно управување со БИА, би биле доказ за мојата себичност“, вели Вулин.

Тој наведува дека прв показател за исправноста на неговата одлука ќе биде „лицемерните изјави на функционери од САД и ЕУ во кои ќе се колнат дека не ни сакале да воведат санкции“.

САД и ЕУ досега не најавија санкции за Србија поради Александар Вулин.

По оставката, од американската амбасада во Србија за Радио Слободна Европа изјавија дека немаат никаква улога во кадровските одлуки на српските власти.

„Нашиот став за господинот Вулин е добро познат. Тој останува под американски санкции“, наведе портпаролот на амбасадата во одговорот на прашањето на РСЕ за оставката на Вулин.

Во него се додава и дека САД се радуваат на продолжувањето на продлабочување на партнерството со Србија на нејзиниот пат кон интеграција во Европа и евроатлантската заедница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, по оставката рече дека имало притисоци уште откако Вулин бил поставен на функцијата.

„Тој одлично знае како оди тоа и кои би можеле да бидат последиците. Јас не можам да коментирам понатаму од проста причина што сум обврзан да не зборувам за тие работи“, рече Вучиќ за ТВ Пинк, додавајќи дека ја разбира реакцијата на Вулин.

Српскиот претседател му се заблагодари на тоа што го направил досега и посочи оти се радува на соработката што би ја имале во иднина. Исто така, потенцираше и оти Вулин не е агент на никого, па ни на Руската Федерација.

Видете и ова: Хил-Не се согласуваме со српските власти за Вулин, но одржувавме добри односи

Вулин е на „црната листа“ на САД од 11 јули 2023 година. Тогаш, американското Министерство за финансии соопшти дека Вулин, „е вмешан во транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција“.

Покрај тоа, беше наведено дека Вулин помогнал да се олесни „нелегалната испорака на оружје“ од веќе санкционираниот српски дилер на оружје Слободан Тесиќ.

Активностите на Вулин, кој е поранешен министер за внатрешни работи, „ја унапредија корупцијата во владините институции на Србија“, соопштија тогаш од Министерството за финансии на САД.

Српскиот функционер беше посочен и како лице кое ѝ помага на Русија да го прошири своето влијание на Балканот, наводно помагајќи да се деградира безбедноста и стабилноста во регионот.