Уредникот на независен белоруски весник осуден на 4 години затвор

илустрација

Судот во Белорусија во петокот го осуди главниот уредник на независен весник на четири години затвор за наводно „дискредитирање на државата“, во последниот случај на затворање весници и намерата на Белорусија да ја ограничи слободата на медиумите.

Александар Манчевич (65) беше приведен во март, откако обвинителите соопштија дека весникот што го уредува Регионална газета „дистрибуирал лажни информации кои ја дискредитираат Белорусија и нејзините власти“.

„Судот одлучи да го осуди новинарот на четири години општа затворска казна“, соопшти организацијата за човекови права „Вјасна“, додавајќи дека тој е казнет и со околу 27 000 евра.

Од контроверзните избори во 2020 година на кои беше реизбран авторитарниот лидер Александар Лукашенко, она што остана од независните медиуми во Белорусија беше цензурирано, затворено или принудено на егзил.

„Регионална газета“ беше еден од ретките неделници на малцинскиот белоруски јазик, чии говорници се соочија со зголемен притисок од владата, која ги поврзува со опозициското движење.

Видете и ова: Популарни белоруски музичари осудени на затворски казни

Манчевич во текот на судската постапка инсистираше на својата невиност.

„Никогаш не сум ја предал татковината. Штета што јас како дедо не можам да го научам внук ми на нови белоруски зборови. А ќерка ми не може да му објасни на мојот внук каде е неговиот дедо. Но, тој нема да се срами од својот дедо“, рече тој.

Во белоруските затвори има околу 1 500 политички затвореници, меѓу кои и активисти за човекови права, политичари и новинари.

Во 2021 година, властите го прогласија најпопуларниот портал за вести во земјата, Тут.Би, за „екстремистички“. Следната година, тие ја дадоа истата ознака на најстариот весник на белоруски јазик, Наша Нива.