Организацијата на Обединетите нации (ООН) упати итен апел за 1,2 милијарди долари наменети за помош на околу 2,7 милиони луѓе во Газа и на Западниот Брег.
„Трошоците за задоволување на потребите на 2,7 милиони луѓе - целото население на Газа и 500 000 луѓе на Западниот Брег - се проценуваат на 1,2 милијарди долари“, велат од Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања.
„Во првобитниот апел, објавен на 12 октомври, се бараа 294 милиони долари за поддршка на речиси 1,3 милиони луѓе. Оттогаш ситуацијата станува сè поочајна“, се додава во соопштението.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓународните организации, вклучително и ОН, оценуваат дека во Газа има хуманитарна криза, бидејќи граѓаните немаат вода за пиење, храна, струја и лекови и бараат прекин на огнот за да се достави неопходната помош за Газа.
Од 7 октомври, Израел изврши илјадници напади врз Појасот Газа.
На 2 ноември, израелската армија објави дека го „завршила опкружувањето на градот Газа“ и дека ги напаѓа позициите, штабовите и друга инфраструктура на Хамас. Нападот започна откако Хамас уби повеќе од 1400 и киднапираше повеќе од 200 луѓе во Израел.
Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, вели дека повеќе од 9 000 луѓе се убиени во Појасот од 7 октомври.