Рускиот претседател Владимир Путин „ќе продолжи да се обидува да ора империјален ров низ Европа, што не само што ќе ја одвои Украина од нас, туку и Молдавија, Грузија и Западен Балкан“, рече денеска (2 ноември) германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.
Министри за надворешни работи од ЕУ и земји кандидати за влез денеска во Берлин разговараа за реформи на Унијата.
„Доколку Русија трајно ги дестабилизира овие земји, тоа би не направило сите ранливи“, рече Баербок, додека членството во ЕУ го означи како „потенцијално силна стабилизирачка сила“, пренесе агенцијата ДПА.
Бербок нагласи дека проширувањето на Европската унија со прифаќање на повеќе источноевропски земји во блокот е „геополитичка неопходност“, но ќе бара „длабоки“ реформи на нејзините институции.
Шефицата на германската дипломатија ја повика ЕУ да подготви патоказ за спроведување на клучните реформи за време на следната сесија на Европскиот парламент, која исто така ќе ја земе предвид жестоката дебата за тоа дали дополнително да се прошири ЕУ со додавање на неколку земји во Источна Европа, потенцијално вклучувајќи ја Украина.
„Сакаме Украина да биде членка на нашата Европска унија и убедена сум дека Европскиот совет во декември исто така ќе го испрати овој сигнал“, рече Бербок.
Видете и ова: Пристапните преговори тема на средбата на Фон дер Лајен со Пендаровски
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој учествува на самитот, рече дека неговата земја ќе ја зајакне ЕУ, особено во безбедносните прашања и нема да биде товар за блокот.
Сепак, тој предупреди и на фрустрации поради бавниот процес на пристапување во ЕУ, посочувајќи ги примерите на земјите од Западен Балкан кои поминаа години како кандидати за членство.
Се очекува Европската комисија следната недела да ги претстави извештаите за напредокот на реформите во Украина и Молдавија. Во декември, лидерите на земјите од ЕУ ќе одлучат дали да отворат официјални преговори за пристапување во блокот.
Видете и ова: Мишел очекува одлуки за проширување на ЕУ на декемврискиот самитЕУ моментално е во различни фази од пристапните преговори со Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Покрај Украина и Молдавија, тука се и Косово, Грузија и Турција, според ДПА.
Во нејзината изјава, Бербок го пофали релативно унифицираниот одговор на ЕУ на руската инвазија на Украина како „главно надворешно-политичко достигнување“.
Меѓутоа, во исто време, таа ги критикуваше различните реакции на владите низ ЕУ на нападите на исламистичката милитантна група Хамас врз Израел.
Европските земји имаат „различни перспективи и различни улоги“ за важни прашања, рече Бербок, „и не беше секогаш лесно да се најде заеднички јазик“.