Ковачевски не очекува да се нарушат односите со Алијанса за Албанците, Лога ќе ја турка амнестијата по редовна постапка

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и премиерот Димитар Ковачевски на разговорите за влез на Алијанса во Владата

Гласањето на законот за амнестија не треба да влијае врз односите во коалицијата со Алијанса за Албанците смета премиерот Димитар Ковачевски, откако денеска во Собранието не ја доби поддршката од пратениците да се донесе по скратена постапка.

Министерот за правда, Кренар Лога, најави дека повторно ќе го поднесе законот во собранието, но овојпат по редовна постапка. Тој најави дека Алијанса за Албанците ќе настапи сама на изборите, а за постизборни коалиции - ќе кажат бројките од освоените гласови.

„Владата донесе одлука и му се даде можност на министерот за правда да го образложи законот за амнестија пред пратениците, што беше направено во текот на денешниот ден. Но, пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните во однос на законските решенија што се нудат. Сметам дека е запазена целата процедура и сето она што беше кажано и сметам дека ова не треба да влијае врз односите во коалицијата, со оглед на тоа дека секој можеше да го искористи своето демократско право да ги искаже своите аргументи, а оние кои што го имаат правото на глас да го искористат за гласање на парламентарната сесија“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Пропадна обидот за амнестија по скратена постапка

Тој додаде дека уште кога бил предложен законот за амнестија постоеле различни ставови во однос на ефектите од него. Интенцијата на законот, нагласи, била да се растоварат затворите со оглед на нивната пополнетост и ставот на министерот за правда Кренар Лога беше дека тоа може да се направи со закон за амнестија.

„Тоа што не се прифати во скратена постапка не значи дека нема да помине во редовна постапка, затоа што еднаш помина овој закон во Владата. Ќе има дебати и дискусии“, рече Лога на денешниот брифинг со новинарите.

Видете и ова: Предлог законот за амнестија, по скратена постапка, не помина во Собрание

Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија на денешната собраниска седница не доби поддршка од Собранието. „Против“ гласаа 66 пратеници, 17 беа „за“, а тројца беа воздржани.

Поддршката за предлог-законот ја дадоа Алијанса за Албанците и ДУИ, додека меѓу оние што беа „против“ доминираа гласовите од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со нивните коалиции.

Видете и ова: Нема план „Б“ ако амнестијата заглави во Собранието

Меѓу причините зошто треба да се донесе законот, министерот претходно ги посочи алармантната состојба со условите во затворите и пренатрупаноста на капацитетите. Тука тој ја наброја и можноста за ресоцијализација на осудениците за полесни кривични дела.